Трајчевски: Одиме на победа на Чаир
Работнички е фокусиран на продолжението на првенствената битка, а утре (16 часот) го очекува гостување на Чаир и дуел против Шкупи. Капитенот Душко Трајчевски вели дека тимот е подготвен за максимални искушенија, а репрезентативната пауза е искористена за подобро да се вклопат новодојдените фудбалери.
„По двете ремија на стартот од првенството, одиме на победа на Чаир. Ќе биде тешко, на Чаир не се освојуваат бодови така лесно, но ние веруваме во нашите можности и ќе дадеме се од себе за да оствариме позитивен резултат. Имаме респект за Шкупи, тоа е тим кој игра посебно добро пред своите навивачи, ама верувам дека на крајот ќе се радуваме доколку ги исполниме задачите на шефот на стручниот штаб Виктор Треневски. Овој период на репрезентативна пауза го искористивме максимално, за да се вклопат новите фудбалери кои дојдоа ова лето и да се воиграме подобро. Сепак, прволигашките натпревари се вистинското мерило каде ќе треба да се покажеме во најдобро светло“, вели капитенот на Работнички.
Шкупи по три одиграни кола се наоѓа на последното, 10.место на табелата, со еден освоен бод. Утрешниот противник забележа два порази и едно реми, на домашен терен против Академија Пандев.