Пораз од Шкупи (2-1) во последните мигови
Работнички го доживеа првиот пораз во новата сезона од Првата лига, откако во четвртото коло загуби на Чаир од Шкупи со 2-1. Поразот дојде во последните моменти, кога Шкупи стигна до победнички гол преку Ален Јашароски. Тој се одлучи на удар од 15 метри со левата нога и го изненади Дамјан Шишковски, тресејќи ја мрежата.
Работнички беше најмалку рамноправен, на моменти и подобар тим денеска на Чаир, но попусто кога бодовите останаа кај домаќинот. Шкупи дојде во водство уште во четвртата минута. Мбела беше проигран, тој во трк влезе во шеснаесетникот и шутираше неодбранливо за Шишковски.
Но, Работнички брзо се врати резултатски во игра. Во 21.минута, Емир Сахити изведе корнер од левата страна, а Нехар Садики постигна убав гол со удар со глава. Девет минути подоцна, истите актери изведоа речиси слична акција, но овојпат шутот со глава на Садики го одбрани голманот Зендели.
Емир Сахити до крајот на првото полувреме се закани со удар од десната страна, но на полувреме се замина со 1-1.
Во вториот дел, Работнички ја контролираше играта, имаше обиди преку капитенот Душко Трајчевски, кој подоцна се повреди и мораше да го напушти теренот, и преку Садики. Во 83.минута, Остоја Стјепановиќ одлично изведе слободен удар од работ на шеснаесетникот од левата страна, но ја погоди гредата од голот на Шкупи.
И во судиското продолжение, по една мешаница во шеснаесетникот на Работнички, Ален Јашароски се одлучи на шут од 15 метри и го изненади Шишковски за победа на Шкупи на овој меч.
ШКУПИ – РАБОТНИЧКИ 2-1 (1-1)
Стадион Чаир. Гледачи: 2.500. Судија: Марјан Маркоски. Стрелци: Мбела 4’, Јашароски 90+4’ (Шкупи), Садики 21’ (Работнички). Ж. картони: Стојкоски, Бериша, Адем, Кривањева, Демири (Шкупи).
ШКУПИ: Зендели, Малиќи, Бериша, Кривањева, Зука, Бајрами, Шабани (70’ Исмаили), Адем, Стојкоски, Асани (55’ Јашароски), Мбела (72’ Демири).
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Рашо, Митрев, Билали, Садики, Трајчевски (69’ Гофри), Стјепановиќ, Дурански, Е. Сахити, Маркоски (88’ Велинов), Погосјан.