Шишковски: Против Победа, да ја оствариме првата победа
Работнички е пред нов предизвик, утре ќе гостува на Могила во Прилеп и ќе ги одмери силите со Победа, во рамките на шестото коло од Првата фудбалска лига на Македонија. По поразот од Шкендија, тимот е решен конечно да се оттргне од летаргијата и да одигра квалитетен меч, на кој ќе ги освои трите бода.
Голманот Дамјан Шишковски верува дека ќе дојдат и радосни моменти за „романтичарите“ во новиот шампионат.
„Не можеме да се пофалиме со добар старт на оваа сезона, но малку недостига за да се свртат работите. Затоа тренираме напорно, и веруваме дека токму утре, на мечот против Победа можеме да стигнеме до првата победа. Ќе биде тешко, теренот на Могила е посебно тежок за играње, но ние немаме друг избор освен да извлечеме максимум и да се надеваме дека ќе ги освоиме трите бода“, вели Дамјан Шишковски.
Натпреварот меѓу Победа и Работнички ќе го суди Марјан Гоцевски од Струмица, а ќе му помагаат Петар Новачев (Велес) и Тоше Ицев (Кавадарци).