Враќањето на „Филип Втори“, мотив повеќе за триумф над Академија Пандев
Работнички утре (15.30 часот) го пречекува тимот на Академија Пандев, а по подолг период конечно ќе биде домаќин на арената „Филип Втори“. Поради презафатеноста на нашиот најголем стадион, нашиот клуб и европските мечеви, а и досегашните натпревари од Првата лига ги играше на други стадиони, и сега конечно се создадени услови за враќање на „Филип Втори“. Тоа треба да биде еден поттик повеќе за добра игра и позитивен резултат на мечот против Академија Пандев.
„Речиси пет месеци немаме играно на арената „Филип Втори“. Сега конечно се враќаме на нашиот најголем стадион, тоа е нашиот вистински дом и се надевам дека тоа ќе биде дополнителна мотивација за фудбалерите. По триумфот против Победа сега очекувам позитивен импулс да покажеме и на овој нареден меч. Академија Пандев е нов прволигаш, но веќе покажа дека е добро организиран клуб и дека има солиден состав. Сепак, ние сме насочени кон нашите сили и можности и верувам дека враќањето на „Филип Втори“ ќе го одбележиме со позитивен резултат“, вели тренерот Виктор Треневски.
Главен судија на утрешниот натпревар меѓу Работнички и Академија Пандев ќе биде Димитар Мечкаровски,а ќе му помагаат Дејан Неделкоски и Гоце Петревски од Скопје. Четврти судија е Дарко Стојчевски (Скопје). Делегат на овој натпревар е Гоце Шопоски (Струга), а за контролор на судењето е одреден Ванчо Костенчев (Скопје).