Станковски: Чест е да се биде тренер на Работнички, голем предизвик за мене
Горан Станковски е новиот шеф на стручниот штаб на Работнички. Од денеска и официјално го презеде кормилото и почна со работа, а веќе утре ќе го има и првиот натпревар на клупата, кога Работнички на арената „Филип Втори“ ќе го пречека тимот на Силекс.
„Голема чест е да се биде тренер на Работнички и веднаш сакам да искажам благодарност до раководството за укажаната доверба. Мора да кажам дека не размислував ниту миг, кога ми беше понудено местото шеф на стручниот штаб, тоа е голем предизвик. Се надевам дека со напорна работа и со успешни резултати ќе ја оправдам довербата. Играв во овој клуб како фудбалер, работев во младинската школа откако решив да се посветам на тренерскиот занает и средината ми е апсолутно позната. Добро ги знам и квалитетите на фудбалерите и сигурен сум дека не го заслужуваат сегашното место на табелата во Првата лига. Ќе работиме напорно и ќе се трудиме да ги подобриме сите аспекти во наредниот период. Првичната цел е да се консолидира екипата по релативно слабиот старт на сезоната и да тргнеме напред со добри игри и позитивни резултати. Веќе утре не очекува дуел со Силекс“, изјави Горан Станковски.