Работнички по пенал-рулет елиминиран од Шкендија во Купот на Македонија
Работнички одигра 1-1 против Шкендија во Тетово и се избори за пенал – рулет во осминафиналето на Купот на Македонија, но, за жал, по изведувањето на ударите од белата точка доживеа елиминација. Среќата не беше на страната на нашиот тим, откако два удари завршија во гредата, а Захов го одбрани последниот пенал на младиот Тодоров.
Работнички одигра одличен реванш меч против Шкендија на Градскиот стадион во Тетово. Марјан Радески многу брзо донесе водство за домаќинот, уште во четвртата минута, по проигрувањето од Бесарт Ибраими. Но, Работнички не се предаде. Тимот на Горан Станковски воспостави рамнотежа во поле, па иако Шкендија имаше повеќе шанси, сепак, и Работнички се закани опасно, посебно во вториот дел од натпреварот.
Како плод на таквата игра дојде и израмнувањето во 79.минута од средбата. Себастијан Херера се реши на удар од 20 метри откосо од левата страна и на фантастичен начин го совлада Захов. Работнички заслужи да се обиде од пенали да обезбеди пласман во следната рунда.
Херера при првиот пенал ја погоди гредата, но во втората серија и Божиновски го одбрани ударот на Бесарт Ибраими. Сепак, во четвртата серија Деан Митрев повторно ја погоди гредата, а откако Алими реализираше, Захов го одбрани пеналот на Миле Тодоров. Шкендија со 3-2 на пенали обезбеди пласман во четвртфиналето од Купот на Македонија.