Миле Тодоров: Победата над Пелистер дојде во вистинско време, пред дербито со Вардар
Работнички ја остава зад себе победата над Пелистер (2-0) и веќе комплетно се фокусира на следниот предизвик, утрешното градско дерби со Вардар. Актуелниот првак е секако голем предизвик, посебно за младиот и талентиран играч за врска, Миле Тодоров. 18-годишниот фудбалер се наметна со добрите игри оваа сезона, а утре ќе го игра својот прв дерби натпревар против Вардар.
„Можам да кажам дека победата над Пелистер ни дојде во вистинско време. За да ја вратиме самодовербата и да се мотивираме уште подобро пред дуелот со Вардар. Се надевам дека ќе продолжиме со уште подобри изданија во наредниот период, и против Вардар ќе ја повториме играта од неделниот меч со Пелистер. Во таков случај, верувам дека ќе успееме да оствариме позитивен резултат и против шампионот. За мене тоа ќе биде прво дерби со „црвено-црните“ во сениорска конкуренција, се надевам дека ќе има и среќен епилог“, вели младиот Миле Тодоров.
Работнички ќе го пречека Вардар утре, со почеток во 14.30 часот, на арената „Филип Втори“, во рамките на 12.првенствено коло од Првата лига. Главен судија на овој натпревар ќе биде Димитар Мечкаровски од Скопје.