Божиновски: Дуелот со Шкупи е екстремно важен, со победа – серијата продолжува
Работнички оствари две значајни победи во изминатите две првенствени кола, совладувајќи ги Пелистер (2-0) и Вардар (3-1). Но, избраниците на Горан Станковски сакаат позитивната серија да продолжи, па затоа се максимално фокусирани пред утрешниот дуел со Шкупи (13.30 часот) на арената „Филип Втори“.
Голманот Даниел Божиновски вели дека мечот со Шкупи е екстремно важен, токму од тој агол. Работнички сака да ја продолжи позитивната низа.
„Остваривме две многу значајни победи, против Пелистер и против Вардар. Но, сега не сакаме да застанеме, туку да продолжиме со победите. Утре ни гостува Шкупи, и тоа е многу важен натпревар за нас. Доколку победиме, ќе биде тоа една убава серија која ќе не вивне и многу погоре на првенствената табела. Треба да останеме фокусирани, да одиграме максимално одговорно, да ги исполниме задачите од шефот на стручниот штаб и се надеваме дека ќе го совладаме и Шкупи. Тоа е квалитетен тим, кој умее да одигра добро на противнапади, но Работнички треба да ја наметне својата игра. Сега самодовербата во тимот е зголемена и верувам дека тоа ќе ни помогне да стигнеме до нови три бода и против Шкупи“, порачува Даниел Божиновски.
Натпреварот меѓу Работнички и Шкупи ќе се одигра утре, со почеток во 13.30 часот, на арената „Филип Втори“, а ќе го суди Димитар Мечкаровски од Скопје.