Стјепановиќ: Фативме залет, можеме да ја изненадиме и Шкендија
Работнички е во серија од три последователни победи кои тимот на Горан Станковски ги оствари на домашен терен, на арената „Филип Втори“. Последователно беа совладани Пелистер, Вардар и Шкупи, а пред „романтичарите“ сега е нов предизвик, гостувањето во Тетово и дуелот со Шкендија. Од овој ривал доживеаја елиминација во Купот, но во Тетово одиграа 1-1 и отпаднаа по изведување пенали. Ова секако дава надеж дека позитивната серија во првенството може да продолжи и на неделната фудналска пресметка.
„Нема многу допирни точки тој натпревар од Купот, секој меч е посебна приказна. Но, сега размислуваме позитивно, фативме залет во првенството и ќе се обидеме да ја изненадиме и Шкендија, која секако е фаворит, со оглед дека игра на домашен терен и е лидер во шампионатот. Тимот се здоби со потребната самодоверба, мислам дека сега многу подобро функционираме на тимски план и верувам дека и в недела ќе одиграме квалитетен меч. Доколку ни се укаже шанса, секако дека ќе се потрудиме да извлечеме позитивен резултат во Тетово“, вели искусниот играч за врска, Остоја Стјепановиќ.
Во пресрет на 14 коло од Првата лига, Работнички се наоѓа на шестата позиција со 16 бода, и еден одигран меч помалку, додека Шкендија е првопласирана, со 31 освоен бод.