Станковски: Работнички беше конкурентен до крајот и против Шкендија
Работнички ја прекина серијата од три последователни победи во првенството со пораз од Шкендија во Тетово. Поразот секако боли, посебно што тимот на Горан Станковски се претстави во светло издание и беше конкурентен до самиот крај против лидерот на табелата.
Чарлс Гофри го постигна погодокот за водство на Работнички во 35.минута, Шкендија израмни пет минути подоцна преку Радески, а Хасани од пенал во самиот финиш постигна гол за победа.
„Со пораз никогаш не можете да биде задоволни. Бодовите останаа во Тетово, а имавме реални шанси да освоиме барем еден. Но, не издржавме до самиот крај. Сепак, бевме конкурентни и решија мали нијанси во завршницата од натпреварот, како и одлуката за удар од белата точка. Не можам да им замерам ништо на фудбалерите, се бореа максимално, покажаа голема желба и храбра игра. И покрај поразот, мислам дека продолжуваме да напредуваме како тим и верувам дека со вакви игри ќе се искачиме повисоко на прволигашката табела“, вели шефот на стручниот штаб, Горан Станковски.