Убедлив триумф над Скопје (3-0)
Работнички ја оствари шестата победа во Првата лига, откако во 18.коло на комплексот на ФФМ го совлада тимот на Скопје со 3-0. Со одлична игра во второто полувреме, избраниците на Горан Станковски успеаја да го скршат отпорот на гостите.
Во првиот дел, се играше отворено, а Скопје двапати сериозно се закани. Бруно да Круз со шут од далечина го загрози Божиновски, но тој со извонредна интервенција спаси сигурен гол, исфрлајќи ја топката во корнер. По него, Личина ја погоди гредата од голот на Работнички.
На спротивната страна, се закани Гофри, но не беше прецизен.
На самиот старт од второто полувреме, Работнички поведе. Велинов нафрли од левата страна, а капитенот Душко Трајчевски со удар со глава погоди на вистинското место. По ова, беше полесно за Работнички.
Скопје се отвори уште повеќе, а тоа донесе простор за контранапади. Во 83.минута, Сержо јуниор најдобро реагираше во петерецот и зголеми на 2-0, а во 90.минута ја искористи големата грешка на Кандикјан, за да ги постави конечните 3-0.
РАБОТНИЧКИ – СКОПЈЕ 3-0 (0-0)
Стадион на ФФМ. Гледачи: 400. Стрелци: Трајчевски 49’, Сержо јуниор 83’, 90’ (Работнички). Ж. картони: Херера, Стјепановиќ (Работнички), Алексовски, Мишевски, Ѓурчиновски, Јаневски (Скопје).
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Илиев, Седики, Митрев, Херера, Трајчевски (86’ Тодоров), Стјепановиќ, Велинов (67’ Кадриу), Маркоски (82’ Дурански), Сержо јуниор, Гофри.
СКОПЈЕ: Кандикјан, Мишевски, Велковски, Личина, Да Круз, Пецов, Демир (83’ Димитровски), Јаневски, Алексовски, Ѓурчиновски (88’ Стојковски), Десниќ.