Трајчевски: Не бевме на нивото против Пелистер, ќе бараме сега бодови против Вардар
Работнички не го стартуваше најдобро пролетниот дел од првенството. По ремито без голови на домашен терен против Ренова, нашиот тим доживеа пораз од Пелистер (3-2) на гостувањето во Битола. Капитенот Душко Трајчевски е самокритичен, и во името на сите фудбалери вели, целиот тим потфрли на дуелот со Пелистер.
„Не стартувавме онака како што посакувавме. Не смеевме да си дозволиме пораз од Пелистер. Потфрли целиот тим, треба да бидеме самокритични и тоа да го признаеме и да се фокусираме на следниот дуел со Вардар. Недозволиво е да примиш три гола на гостување, и да се надеваш дека ќе освоиш бодови. Посебно кога знаеме дека тимот е квалитетен и способен за многу повеќе. Во ред, има и повредени фудбалери кои ни недостасуваат многу, но моравме да одиграме многу подобро против Пелистер. Сега не ни преостанува ништо друго, освен да бараме бодови на дербито против Вардар“, вели капитенот Трајчевски.
Работнички по 20 одиграни кола се наоѓа на шестата позиција на табелата во Првата лига, со 24 освоени бодови.