Работнички го совлада Вардар (2-1) за прв пролетен триумф
Работнички стигна до првиот триумф во пролетниот дел од првенството, совладувајќи го Вардар со 2-1 во рамките на 21.коло од Првата фудбалска лига. Нашиот тим на самиот старт постигна два гола, преку Себастијан Херера и Виктор Ангелов, изненадувајќи го ривалот, а во завршницата играше и со играч помалку, поради исклучувањето на голманот Даниел Божиновски.
Вардар успеа да намали со голот на Горан Попов во 78.минута, но победата сепак заслужено му припадна на Работнички.
Во втората минута, Себастијан Херера се најде на вистинското место во противничкиот шеснаесетник и со удар со глава го совлада Гачевски. Само четири минути подоцна, Виктор Ангелов, постигна втор гол за нас и зголеми на 2-0. Беше тоа одличен почеток на мечот за составот на Горан Станковски.
Вардар немаше одговор на полетната игра на Работнички, се до завршницата на мечот. Во 78.минута, Горан Попов со удар со глава по корнерот на Блажевски го намали резултатот на 2-1. Фелипе се обиде од слободен удар во 84.минута, но Божиновски беше присебен.
Во 87.минута, Даниел Божиновски наседна на провокацијата на Блажевски, го оттурна од себе со рака, тој падна театрално, а судијата Александар Ставрев наседна и му даде црвен картон на нашиот голман. Во игра влезе Ристо Јанков на местото на Лазаров, а Работнички успеа и со десетмина на теренот да стигне до заслужената победа.
РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР 2-1 (2-0)
Арена „Филип Втори“. Судија: Александар Ставрев (Скопје). Стрелци: Херера 2’, Ангелов 6’ (Работнички), Попов 78’ (Вардар). Ж. картони: Митрев, Ангелов, Стјепановиќ, Херера (Работнички), Битанг, Попов (Вардар). Црвен картон: Божиновски (Работнички).
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Рашо, Красниќи, Митрев, Херера, Асани, Трајчевски, Лазаров (89’ Јанков), Стјепановиќ, Ангелов (67’ Дурански), Кировски (55’ Гофри).
ВАРДАР: Гачевски, Тодороски (46’ Цветановски), Новак, Попов, Глишиќ, Глигоров, Битанг, Фелипе, Попзлатанов (46’ Блажевски), Максимов, Барсегјан.