Херера: Шкендија е фаворит, а ние го сакаме скалпот на лидерот
Работнички во претстојното 23.коло од Првата фудбалска лига ќе го пречека лидерот на табелата Шкендија. Мечот ќе се одигра утре, со почеток во 14 часот, на арената „Филип Втори“, а ќе го суди Димитар Мечкаровски од Скопје.
По паузата поради жолти картони, во составот на Горан Станковски ќе се врати левиот бек Себастијан Херера, кој се надева дека Работнички може да ја изненади и да ја победи Шкендија на домашен терен.
„Шкендија е фаворит, се наоѓа на лидерската позиција на табелата и има навистина квалитетен тим. Но, ние играме на домашен терен и максимално сме мотивирани да ги совладаме. Нашата цел е излез во Европа, а за да ја оствариме потребни ни се што е можно повеќе бодови во завршницата на шампионатот. Го сакаме скалпот на лидерот и ќе сториме се за да стигнеме до триумф на утрешниот натпревар“, вели Себастијан Херера.