Работнички во друштво со европската фудбалска елита
Фудбалскиот клуб Работнички продолжува со интензивната комуникација и блиска соработка со дел од најголемите европски клубови. Генералниот секретар на клубот, Ненад Монев, изминатите денови имаше можност да се надградува и да соработува со своите колеги од елитни европски клубови, на новата едукативна сесија на клупската менаџмент програма на ЕКА, чиј домаќин беше англискиот првак Челси, на „Стемфорд бриџ“.
„Во рамките на ЕКА клупската менаџмент програма присуствував на новата едукативна сесија за лидерство и иновации, во просториите на „Стемфорд Бриџ“, чиј домаќин беше англискиот гигант Челси. Присуствуваа 30 колеги од поголемите клубови во Европа, а меѓу нив и Работнички. На програмата за едукација беа опфатени различни теми, на кои свои излагања имаа едни од најпознатите директори на водечки светски компании како Фејсбук, маркетинг аналитичари од Јувентус, а од домаќинот Челси предавање имаше извршниот директор на клубот. Покрај предавањата присуствувавме и на натпревар од четвртфиналето од ФА купот меѓу Лестер и Челси. Ова секако е големо искуство и чест за ФК Работнички, во процесот на надградување и усовршување на клупските политики“, вели генералниот секретар на клубот, Ненад Монев.