Станковски поднесе оставка од тренерската позиција
Горан Станковски од денеска веќе не е шеф на стручниот штаб на Работнички. Тој поднесе неотповиклива оставка на функцијата преземајќи ја одговорноста за последните резултати на тимот. По вчерашното реми (1-1) против Академија Пандев, Станковски денеска имаше состанок со раководството и го информираше дека ќе си замине од тренерската позиција.
„Поднесов оставка од позицијата шеф на стручен штаб на Работнички. Мислам дека ова е вистински потег од моја страна, да преземам одговорност за досегашните резултати на тимот во првенството. На тимот му е потребен нов импулс за да продолжи со подобри игри и резултати, а тренерот е тој што секогаш треба прв да ја преземе одговорноста. Сакам да изразам благодарност до раководството на клубот, претседателот Драган Поповски за укажаната доверба, и на ФК Работнички му посакувам многу успеси во наредниот период. И понатаму верувам дека овој тим може да ги исполни своите цели“, изјави Горан Станковски.