Трајчевски: Секој меч до крајот за нас е како финале, сакаме триумф против Силекс
Работнички утре (15 часот) на комплексот „Петар Милошевски“ во Куќата на фудбалот ќе го пречека тимот на Силекс, отворајќи го 26.коло во Првата фудбалска лига. Со нов шеф на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски, и со нова позитивна енергија, капитенот Душко Трајчевски се надева на позитивен исход од овој дуел. Како што вели, за Работнички до крајот на првенството секој меч е како финале, и треба да бележи успеси доколку сака да ја исполни целта, а тоа е излез на европската сцена.
„За нас секој меч до крајот на првенството е како финале. Промената на тренерската позиција малку го раздрма тимот, тоа секогаш носи некоја дополнителна енергија и се надевам дека сето тоа ќе го искористиме за да одиграме квалитетно против Силекс и да успееме да ги освоиме трите бода. Нема да биде лесно, Силекс е одличен состав, се наоѓа на третата позиција и на секој меч покажува дека е навистина квалитетен. Но, ние немаме друг избор, ќе излеземе на дуелот со само една цел – да победиме“, вели Душко Трајчевски.