Велинов донесе триумф против Скопје (0-1)
Работнички ја оствари втората победа во низа во Првата фудбалска лига под раководство на новиот шеф на стручниот штаб Ѓоре Јовановски, совладувајќи го Скопје на гости со 0-1. Стрелец на голот за нашиот тим беше Стојанчо Велинов во 81.минута, откако одлично реагираше и со удар со глава погоди по нереализираниот пенал на Остоја Стјепановиќ.
Тој го погоди дирекот, топката се одби во поле, а Велинов ја зафати со глава и постигна погодок. Претходно, токму Велинов беше фаулиран во казнениот простор на домашниот тим.
Работнички беше подобар тим на овој натпревар и заслужено ги освои бодовите. Прв се закани Јаневски во 24.минута, но тоа беше лесен плен за Даниел Божиновски. Возврати Стјепановиќ со удар од далечина.
Многу поинтересно беше во второто полувреме. Работнички тргна по водство. Во 54.минута, Велинов беше во акција, но неговото проигрување не донесе ефект, а четири минути подоцна Петковски шутираше за малку непрецизно, по центаршутот на Стјепановиќ од левата страна.
Во 65.минута, Стјепановиќ се закани со удар од 25 метри, а Велинов се избори за пенал во 81.минута. Стјепановиќ го погоди дирекот, но Велинов беше снаодлив и од втор обид погоди во мрежата.
Во завршницата, Чарлс Гофри имаше одлични шанси и за втор гол, но не успеа да ги реализира.
СКОПЈЕ – РАБОТНИЧКИ 0-1 (0-0)
Стадион „Железарница“. Гледачи: 500. Судија: Марјан Гоцевски (Струмица). Стрелец: Велинов 81’ (Работнички).
СКОПЈЕ: Стефановиќ, Болесу, Личина, Кофи, Пецов, Настевски, Јаневски, Десниќ, Оусеини, Алексовски, Петковски.
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Рашо, Митрев, Најдовски, Херера, Трајчевски, Стјепановиќ, Велинов, Петковски, Серџо Јуниор, Маркоски.