Трајчевски: Посакуваме три бода од гостувањето кај Академија Пандев
Работнички в недела (16.30 часот) му гостува на тимот на Академија Пандев во Турново, во рамките на 34.коло од Првата фудбалска лига. Првенството влегува во фотофиниш, а нашиот тим е во трка за освојување на позиција која носи излез на европска сцена. Капитенот Душко Трајчевски ја истакнува решеноста на тимот да оствари позитивен резултат на претстојното гостување против Академија Пандев.
„Преостануваат уште три кола до крајот, и сега треба да се смогнат сили за да се даде најдоброто од себе. Целта на клубот е јасна, повторен излез на европската сцена, и сите сме максимално фокусирани за тоа да го оствариме. Не очекува тешко гостување против тимот на Академија Пандев, тоа е одличен спој на младост и искуство, како и несомнен квалитет, но и ние имаме верба во нашите можности. Се надеваме дека можеме да стигнеме до трите бода на ова гостување“, вели Душко Трајчевски.
Натпреварот меѓу Академија Пандев и Работнички ќе го суди Димитар Мечкаровски од Скопје, а ќе му помагаат Дејан Неделкоски и Гоце Петрески.