Триумф над Скопје (3-2) за трето место и пласман во Лигата на Европа
Работнички успеа да ја исполни својата цел и стигна до третото место на табелата на крајот од шампионатот, која носи излез во Европа, односно настап во квалификациите за Лигата на Европа. Нашиот тим со триумфот над Скопје од 3-2 на крајот заврши со 52 бода, еден повеќе од Шкупи и два од Силекс, остварувајќи ги клупските планови.
Беше тоа возбудлив натпревар на арената „Филип Втори“ исполнет со многу голови. Најдовски во 13.минута со удар со глава ја погоди гредата од голот на Скопје, а гостите поведоа со голот на Бенјамин Демир во 39.минута. Тој доби топка по левата страна, се одлучи на шут од работ на шеснаесетникот и постигна убав погодок.
Но, Работнички успеа да израмни пред самиот крај на првиот дел. Петар Петковски се најде на вистинското место и ја искористи грешката на одбраната на Скопје, постигнувајќи погодок.
Во вториот дел, повторно Скопје стигна до водство. Красниќи во 63.минута сакаше да врати една топка кон Божиновски, тоа го почувствува Досех Кофи, ја украде и ја затресе мрежата. Но, само три минути подоцна, Работнички израмни по убавата акција што ја започна Остоја Стјепановиќ, а реализатор беше Христијан Кировски.
Токму Кировски беше стрелец и на победничкиот погодок. Тој погоди од пенал во 82.минута, за големо славје и пласман на Работнички во квалификациите за Лигата на Европа.
РАБОТНИЧКИ – СКОПЈЕ 3-2 (1-1)
Арена „Филип Втори“. Судија: Стојанче Стојанов (Штип). Стрелци: Петковски 45′, Кировски 66′, 82′ пен. (Работнички), Демир 39′, Кофи 63′ (Скопје). Ж, картони: Петковски (Работнички), Оусени, Алексовски (Скопје).
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Крмар, Најдовски, Красниќи, Асани (59′ Кировски), Трајчевски, Стјепановиќ, Шаркоски (75′ Садики), Петковски, Маркоски, Ангелов (59′ Гофри).
СКОПЈЕ: Стефановиќ, Бопесу, Димитровски, Настевски, Кофи, Оусеини, Јаневски (85′ Чакри), Алексовски, Десниќ, Демир (68′ Коцев), Петковски.