Оливер Пеев и Филип Петковски, нови засилувања на Работнички
Работнички ги договори првите две засилувања за следната натпреварувачка сезона. Нови фудбалери на нашиот клуб се Оливер Пеев и Филип Петковски. Се работи за проверени прволигашки фудбалери, кои имаат и интернационално искуство и се очекува да бидат квалитетни засилувања за настапите на Работнички во квалификациите за Лигата на Европа, како и предизвиците на домашната сцена во следната сезона.
Оливер Пеев и Филип Петковски потпишаа договори на една година, со опција за продолжување на соработката за уште една дополнителна сезона.
Пеев изминатата сезона настапуваше во Грција и беше член на Дијагорас. Во Македонија има настапувано за Вардар, Металург, Тетекс, Шкендија и за Пелистер. Тој е играч од средниот ред и има 31 година.
Филип Петковски е напаѓач, кој изминатата сезона настапуваше за ФК Скопје, а во минатото беше член и на Работнички. Тој се враќа во добро позната фудбалска средина.
Досега, тимот на Работнички официјално го напуштија четворица фудбалери, Игор Крмар, Момчило Рашо, Гезим Красниќи и Стојанчо Велинов. Раководството на клубот води преговори со дел од фудбалерите на кои им истекуваат договорите ова лето.