Работнички стартуваше со подготовките, фокусот на добра европска презентација
Работнички денеска ги стартуваше летните подготовки. Шефот на стручниот штаб Ѓоре Јовановски ги закажа активностите уште рано наутро, а првиот тренинг се одржа во 7.30 часот. Втората активност се одвиваше во сала за кревање товар, а вечерва ќе следи и трет тренинг на фудбалското игралиште во клупската база. Фокусот е јасен, што е можна подобра презентација на меѓународната сцена, каде Работнички ќе земе учество во квалификациите за Лигата на Европа.
„Би сакал да им искажам благодарност во името на клубот на фудбалерите кои успеаја да обезбедат пласман на Работнички во Лигата на Европа. Дел од нив веќе не се во клубот, но така е тоа во фудбалот, секоја сезона е нов предизвик. Нашиот предизвик е секако настапот во квалификациите за Лигата на Европа, каде не сакаме да имаме само споредна улога. Денеска означивме почеток на летните подготовки, а акцент секако е на физичката подготвеност. На 18 јуни, ќе го одиграме првиот пријателски натпревар против Славија Софија, а потоа ќе заминеме на подготовки бо Словенија, каде исто така се планирани неколку пријателски мечеви“, го образложи планот, шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски.
Досега во составот на Работнички пристигнаа пет нови засилувања. Нови аквизиции се Оливер Пеев, Филип Петковски, Љубомир Стевановиќ, Душан Стевиќ и Жоел Бопесу. На сениорскиот тим ќе бидат приклучени и неколкумина млади и талентирани фудбалери од сопствената школа.
„Работнички продолжува со својата стратегија за развој и промоција на млади и талентирани фудбалери. И оваа сезона неколку млади фудбалери ќе бидат промовирани во сениорскиот погон. Досега успеавме да доведеме пет засилувања, а ќе работиме и понатаму на тој план, за ангажман на уште некое ново име“, изјави спортскиот директор, Иван Поповски.