Комбинираниот тим на Работнички загуби од Вардар (ФОТО)
Комбинираниот состав на Работнички загуби од Вардар со 6-0 во последниот пријателски натпревар пред натпреварот против унгарски Хонвед во 1. квалификациско коло за Лигата на Европа.
Шефот на стручниот штаб, Ѓоре Јовановски се одлучи на натпреварот да им даде шанса на помладите фудбалери и оние кои имаа помала минутажа за време на подготовките во Словенија. „Романтичарите“ настапија без Стјепановиќ, Пеев, Стевановиќ, голманот Божиновски и уште неколку стандардни првотимци кои за пет дена ги очекува првата пресметка против Хонвед во Европа.
Противникот до победата дојде со три гола во првото полувреме, два на Бразилецот Вилијан Лира и еден на Матеј Цветановски, и уште три во второто полувреме, два на Јован Попзлатанов и еден на Максим Максимов.