Триумф против Ренова во Тетово, успешен старт на Жикица Тасевски
Работнички стави крај на лошата низа и успеа да оствари триумф од 0-2 на гостувањето против Ренова, во рамките на десеттото коло од Првата фудбалска лига на Македонија. Стрелци на головите за нашиот тим беа Остоја Стјепановиќ од пенал во 26.минута, и Душан Стевиќ во 90.минута од натпреварот.
Новиот тренер Жикица Тасевски имаше успешно деби на клупата. Со тоа е ставен крај на непријатната серија од пет меча без триумф.
Првата закана ја имаше Ренова во 14.минута. Сулејмани шутираше кон голот, но од блокот топката заврши во корнер. Работнички поведе во 26.минута. Петар Петковски беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник и оправдано беше досудена најстрога казна. Успешен реализатор беше капитенот Остоја Стјепановиќ во 26.минута.
Со минимална предност Работнички замина на одморот. Во вториот дел, Ренова беше блиску до изранување во 69.минута, кога Влатко Стојановски со удар со глава го погоди дирекот од голот на Божиновски. Во 77.минута, Работнички остана со играч помалку поради исклулувањето на Остоја Стјепановиќ, кој направи груб прекршок на средината од теренот.
Работнички сепак успеа да се одбрани, а во последните моменти стигна и до триумф од 0-2. Душан Стевиќ беше стрелец на голот, откако Петар Петковски отвори брз противнапад, го проигра Оливер Пеев, а тој со одличен потег со петица ја врати топката за Стевиќ.
РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ 0-2 (0-1)
Градски стадион во Тетово. Судија: Јован Качевски. Стрелци: Стјепановиќ пен. 26’, Стевиќ 90’ (Работнички). Ж. картони: Рамадани, Фернандо, Фетаи (Ренова), Стјепановиќ (Работнички). Ц. картон: Стјепановиќ (Работнички).
РЕНОВА: Кобетиќ, Велија, Мишковски, Фетаи (82’ Кадриу), Сулејмани, Абдула, Фернандо (67’ Гафури), Јусуфи (46’ Биљали), Нухиу, Рамадани, Стојановски.
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Тодоровски, Димитровски, Митрев, Бопесу, Пеев, Стјепановиќ, Стевановиќ (69’ Стевиќ), Фазлију (82’ Недељковиќ), П. Петковски, Гофри (53’ Шаркоски).