Пораз од Шкендија (1-2) на арената „Филип Втори“
Работнички го забележа вториот пораз во низа, вкупно седми во шампионатот, откако загуби со 1-2 на арената „Филип Втори“ од Шкендија. Тимот на Жикица Тасевски парираше добро во најголемиот тек од натпреварот, но сепак остана без бодови на овој дуел.
Шкендија поведе со голот на Изаир Емини во 20.минута. Гледи Мици нафрли од левата страна, а Емини со удар со глава од десетина метри го надмудри Божиновски.
Работнички успеа да израмни осум минути подоцна. По корнерот што го изведе Петар Петковски од левата страна, Оливер Пеев се најде на вистинското место и со волеј-удар ја смести топката на вистинското место.
На почетокот од вториот дел, се случи решавачкиот момент. Гледи Мици нафрли од левата страна, а Деан Митрев во обид да исфрли, си постигна автогол. Новото водство на Шкендија ги мотивираше фудбалерите на Работнички да тргнат многу порешително кон противничкиот гол.
Во завршницата, Петар Петковски шутираше, но Захов одбрани, а голманот на Шкендија го скроти и ударот на Оливер Пеев, кој претходно имаше уште една закана, но за малку крај голот.
РАБОТНИЧКИ – ШКЕНДИЈА 1-2 (1-1)
Арена „Филип Втори“. Судија: Марјан Ецкоски (Охрид). Стрелци: Пеев 28’ (Работнички), Емини 20’, Митрев а.г. 51’ (Шкендија). Ж. картони: Димитровски (Работнички), Имери, Селмани (Шкендија).
РАБОТНИЧКИ: Божиновски, Стевиќ (75’ Ф. Петковски), Митрев, Димитровски, Бопесу, Стјепановиќ, Пеев, Стевановиќ, Фазлију (55’ Шаркоски), П. Петковски, Гофри.
ШКЕНДИЈА: Захов, Мурати, Муслиу, Чешмеџиев, Мици, Алими, Тотре, Имери (69’ Бојку), Нафиу, Фазли (82’ Селмани), Емини (90’ Адили)