ФК Работнички се грижи за инклузија на лицата со попреченост во фудбалската игра
Фудбалскиот клуб Работнички беше дел од првиот семинар на УЕФА за инклузија на лицата со попречености во фудбалската игра и обезбедување на стадионите во согласност со нивните потреби (Centre for access to football in Europe – CAFE) што се одржа од 14 до 16 јануари во Барселона. Од 2015 година, секој европски клуб покрај лиценцата за настап во натпреварувањата на УЕФА и исполнување на регулативите на Финансискиот фер-плеј, мора да има и Disability Access Officer. Огнен Велески го претставуваше Работнички на овој семинар.
„Инклузијата на лицата со попречености во фудбалската игра како и обезбедувањето услови на стадионите во согласност со нивните потреби (пр. пристапни влезови и рампи до трибините, колички, пристапни паркинзи, преведувач за глуви и наглуви, опрема за фудбал за лицата со видна попреченост, организирање фудбалски мечеви и активности во кои тие лица директно играат фудбал….) се од круцијално значење за развојот на фудбалската игра и едно од основните обележја на европските клубови. Честа беше огромна, јас како претставник од ФК Работнички, да бидам дел од првиот Интернационален собир на Disability Access Officers во Барселона, Шпанија и да бидам еден од десетте ДАО кои ги презентираа активностите на своите клубови на ова поле“, вели Огнен Велевски.
Нашиот клуб беше единствен учесник од балканските простори на овој собир.
„ФК Работнички беше единствениот клуб од Македонија и воопшто од Балканот на овој собир. (“Најблиските” клубови беа од Естонија, Малта, Италија..). Нашиот клуб активно учествуваше во дискусиите на тема „Еднаков пристап за сите во фудбалската игра“, презентирајќи ги своите активности и размислувајќи за иновативни решенија, рамо до рамо со клубови како Барселона, Баерн Минхен, Милан, Тотенхем, Селтик, Порто, Спортинг Лисабон, Спартак Москва, Ред Бул Лајпциг, како и Италијанската Фудбалска Федерација, Руската Федерација, Интернационална Асоцијација на Слепите (ИБСА) и останати клубови и асоцијации од 30 земји од Европа“, истакна Огнен Велевски, кој е ДАО офицер на ФК Работнички Скопје.
За директор на CAFE е именуван прославениот холандски фудбалер, Едгар Давидс.