Тасевски: Со нов пристап до позитивен резултат против Шкендија
Работнички утре му гостува на актуелниот шампион Шкендија во Тетово, а тренерот Жикица Тасевски верува дека тимот со еден поинаков пристап може да стигне до позитивен резултат. По поразот од Академија Пандев во минатото коло, стручниот штаб и фудбалерите работеа на подобрување на многу сегменти од играта, а ќе треба тоа да се прикаже на теренот токму против Шкендија.
„Ги увидовме грешките, работевме на нивно елиминирање и се надевам дека тимот ќе се претстави во многу подобро издание. Со еден поинаков пристап, со поголема желба, максимално залагање и пред се задржување на концентрацијата во текот на целиот натпревар, треба да дојдат и посакуваните резултати. Не стартувавме оваа пролет според посакувањата и ќе мора да се подобриме во сите сегменти. Шкендија е актуелен првак и лидер на табелата и сигурно е фаворит на домашен терен, но ние веруваме дека можеме да одиграме добар натпревар и да стигнеме до позитивен резултат“, вели Жикица Тасевски.
Натпреварот меѓу Шкендија и Работнички ќе се одигра утре на Градскиот стадион во Тетово, со почеток во 14.30 часот, а ќе го суди Димитар Мечкаровски од Скопје.