Ацковски: На Работнички местото му е во Европа
Две победи во најважен момент, и Работнички е повторно на четвртата позиција на табелата во Првата лига. Тоа може да го одведе клубот и во Европа, доколку Академија Пандев утре го освои Купот на Македонија. Триумфот против Беласица (0-1) во Струмица е многу значаен, но ќе треба да се одигра максимално и да се победи на дуелот од последното коло против Шкупи на домашен терен.
Младиот Кристијан Ацковски доби шанса од тренерот Баже Лазаревски и ја искористи на најдобар можен начин. Одигра одлично и во Струмица и беше стрелец на победничкиот погодок.
„Најважно е што Работнички повторно е на позицијата која може да донесе излез во Европа. Одигравме квалитетен меч во Струмица, заслужено ја совладавме Беласица и среќен сум што бев стрелец на победничкиот гол. На Работнички местото му е во Европа и се надевам дека ќе успееме да ја исполниме целта. Во последното коло не очекува уште еден извонредно значаен дуел со Шкупи“, вели Кристијан Ацковски.