Реми (1-1) против Пелистер во Купот
Работнички одигра 1-1 против Пелистер во Битола во првиот меч од осминафиналето на Купот на Македонија. Ова е позитивен резултат пред реваншот кој ќе се игра во Скопје на 30 октомври.
Беше тоа интересен меч под „Тумбе Кафе“. Страхиња Крстевски ја имаше првата шанса, но не успеа да ја реализира, а Пелистер поведе во 39.минута со голот на Благојче Главевски. Тој шутираше со глава по корнерот на Љамчевски од десната страна и ја погоди мрежата на Јанков.
Работнички израмни во 68.минута. Николче Шаркоски одлично се снајде пред противничкиот гол и со лоб удар го матираше домашниот голман. Во 79.минута Пелистер не успеа да реализира пенал. Благоја Љамчевски ја погоди гредата од голот на Работнички.
По ремито во Битола, патникот во четвртфиналето ќе се решава по повеќе од еден месец на реваншот во Скопје, на арената „Тодор Проески“.