Андрески: Да повториме уште една добра игра во Тетово
Работнички утре во Тетово го заокружува есенскиот дел од првенството со гостување кај Ренова. По добрата игра и ремито со Шкендија во првиот четвртфинален меч од Купот, тренерот Марјанчо Андрески се надева дека тимот ќе повтори такво издание и против „гипсарите“.
„Одигравме квалитетно против Шкендија во Купот и се надевам дека ќе ја повториме таквата игра и против Ренова. Не треба ни се да споменува дека бодови ни се потребни со оглед на незавидната позиција на табелата. Работевме напорно, подготвени сме и одиме во Тетово да одиграме најдобро што знаеме“, порачува шефот на стручниот штаб.
Натпреварот меѓу Ренова и Работнички ќе го суди Албрим Шаќири од Струга. Негови асистенти ќе бидат Ацо Мацевски и Разме Бакрачески. Четврти судија е Јован Качевски.