Шаркоски: Работнички се надева на многу поуспешна фудбалска пролет
Почнува пролетниот дел од првенството, а Работнички е пред голем предизвик. Мора да ја заборави есенската полуетапа во која заврши на последната позиција на табелата и со многу поуспешна пролет да побегне што е можно побрзо кон средишниот дел на прволигашкото рангирање. Денеска тимот на Ратко Достаниќ гостува во Струга и ќе ги одмери силите со составот на Струга Трим Лум. Играчот за врска Николче Шаркоски вели дека уште од самиот старт на пролетта Работнички мора да покаже многу поинаков лик и да собира бодови.
„Ја заборавивме неуспешната есен, го оставаме тоа зад нас и максимално сме фокусирани на тоа што следува, пролетниот дел од шампинатот. Свесни сме дека Работнички не е во моментот на посакуваните позиции и мораме да се потрудиме тоа да го подобриме што е можно побрзо. Се надевам дека со новиот шеф на стручниот штаб Ратко Достаниќ и со засилувањата кои пристигнаа, Работнички ќе има многу поинаков лик оваа пролет. На отворањето гостуваме во Струга, домаќинот е незгоден тим, немаме пријатни спомени од есенските дуели и затоа на мечот му приоѓаме максимално внимателно и мотивирано. Се надеваме на успех затоа што мораме да собираме бодови уште од стартот на пролетниот дел од шампионатот“, вели Николче Шаркоски.
Мечот меѓу Струга Трим Лум и Работнички е закажан за 14 часот, а ќе го суди Крумислав Ѓоргиев од Штип.