Давид Тошевски донесе триумф за Работнички во Струга
Работнички успешно го стартуваше пролетниот дел од сезоната со триумф на гости против Струга Трим Лум (0-1). Стрелец на победничкиот гол за нашиот тим беше Давид Тошевски во 35.минута.
Тоа е дебитантски триумф за новиот тренер Ратко Достаниќ, а Работнички сега има 18 бода и се доближи до конкурентите во трката за бегство од опасната зона на табелата.
Во борбен натпревар, Работнички успеа да ги освои трите бода во Струга. Првата закана ја имаше Себастијан Херера од далечина во 15.минута, а две минути подоцна Драшко Ѓорѓевиќ шутираше со глава крај голот.
Таири се обиде од далечина на спротивната страна, но без ефект.
Во 35.минута Работнички дојде во водство. Николче Шаркоски беше во акција по десната страна, шутираше кон голот, топката дојде до Давид Тошевски кој се постави добро и ја спроведе во мрежата.
По постигнатиот гол, составот на Работнички мудро ја чуваше предноста. Таири се обиде од слободен удар, но Шишковски успеа да одбрани.
Во вториот дел, Струга Трим Лум се обидуваше да стигне до израмнување, но мрежата на Шишковски остана мирна, а Работнички ги освои трите бода.
СТРУГА ТРИМ ЛУМ – РАБОТНИЧКИ 0-1 (0-1)
Градски стадион во Струга. Судија: Крумислав Ѓоргиев (Штип). Стрелец: Давид Тошевски 35’ (Работнички). Ж. картони: Лена, Кировски, Касами (Струга ТЛ), Стојков, Петковски, Тошевски, Костески (Работнички).
СТРУГА ТРИМ ЛУМ: Ѓуриќ, Алити, Тафа, Цаке, Касами, Таири, Кочоски, Лена, Јахја, Рамадани, Кировски.
РАБОТНИЧКИ: Шишковски, Велковски, Драшковиќ, Пецов, Херера, Стојков, Јевтоски, Тодоровски, Шаркоски, Петковски, Тошевски.