Капитенот Горан Силјановски ја продолжи верноста за 18 месеци
Капитенот Горан Силјановски го продолжи договорот со Работнички за нови 18 месеци. Раководството на клубот најде заеднички јазик за обновување на соработката со еден од најискусните фудбалери, кој има неспорни фудбалски способности на теренот, но и лидерски квалитети во соблекувалната.
„Среќни сме што успеавме да го задржиме капитенот Горан Силјановски во тимот и во наредните 18 месеци. Тоа е голема добивка за клубот од неколку аспекти. Ќе имаме одличен фудбалер во тимот, но и вистински лидер кој умее да ги мотивира и да ги насочи правилно младите фудбалери на Работнички. Раководството работи на формирање на квалитетен тим за следната сезона, а и понатаму цврсто ја држиме клупската стратегија за форсирање на млади и талентирани играчи“, вели спортскиот директор на Работнички, Иван Поповски.
Претходно, клубот ги продолжи договорите со шефот на стручниот штаб Ратко Достаниќ, како и со Драган Стојков, Христијан Пецов и Ристе Јанков. Ново засилување е Муарем Муарем.