Давид Тошевски ја продолжува кариерата во рускиот Ростов
Напаѓачот на Работнички, Давид Тошевски, кариерата ја продолжува во рускиот клуб Ростов. По успешните преговори, тој потпиша петгодишен договор со Ростов и во иднина ќе настапува во руската Премиер – лига. ФК Работнички изразува задоволство што и понатаму продолжува со стратегијата за форсирање на млади и талентирани фудбалери кои потоа прават трансфери во големите европски клубови.
Тошевски е дете на Работнички, почетоците ги имаше во пионерско-младинската академија на клубот, а како еден од најталентираните беше прекомандуван во сениорскиот тим и потпиша професионален договор. Изминатава сезона Давид Тошевски одигра 21 натпревар во дресот на Работнички, беше стрелец на пет гола и забележа три асистенции. Тој е младински репрезентативец на Македонија. Трансферот на официјалниот сајт го потврди и рускиот клуб Ростов.