Достаниќ: Одиме во вистинска насока, доброто издание со Шкендија да го повториме и против Шкупи
Работнички одигра квалитетен натпревар во Тетово, ремизираше против лидерот Шкендија, а во одредени сегменти од мечот се закани дека може да стигне до триумф. Го имаше расположениот Ристе Јанков на голот, младиот Лука Станковски кој со погодок го врати тимот во живот, а тренерот Ратко Достаниќ е задоволен од изданието на комплетната екипа, посебно со прикажаното во второто полувреме.
„Одигравме добар меч, посебно во второто полувреме во Тетово. Во првиот дел имаше и одредени грешки, дозволивме Шкендија брзо да поведе, можеа дури и да го заокружат мечот. Но, се вративме многу подобри во второто полувреме, во одредени сегменти од натпреварот бевме и подобар ривал, постигнавме гол за израмнување, а можеби и офсајд позицијата при вториот гол не постоеше. Но, задоволен сум, пред се од изданието, а секако и од освоениот бод. Малку екипи можат да освојат бод против Шкендија на гости, сега треба да се потрудиме да ја одржиме константноста и да се претставиме во исто, дури и можеби и подобро издание на следниот меч против Шкупи“, вели шефот на стручниот штаб, Ратко Достаниќ.
По десет одиграни кола, Работнички се наоѓа на седмата позиција на табелата во Првата фудбалска лига со 12 освоени бода.