Достаниќ: Да продолжиме со истата одважност што не красеше со Шкендија
Еднонеделната принудна пауза заврши, в сабота продолжува Првата фудбалска лига со натпреварите од одложеното 11. коло. Работнички на арената „Тодор Проески“ го пречекува составот на Шкупи, а тренерот Ратко Достаниќ сака тимот да продолжи онаму каде што застана со добрата игра и ремито против Шкендија во Тетово.
„Имавме малку повеќе време за да се подготвиме и сакаме да продолжиме од моментот на добрата игра против Шкендија во Тетово. Би сакал тимот да го краси истата одважност и самодоверба што ја покажа против Шкендија и на претстојниот меч против Шкупи. Ги знаеме квалитетите на следниот ривал, посебно на неколку индивидуалци кои можат да решат натпревар со сопствен квалитет, но Работнички продолжува со својот начин на игра, тимски, борбено и самоуверено на секој натпревар. Не очекува тежок натпревар, но верувам дека момците ќе се претстават во добро издание и дека ќе оствариме позитивен резултат“, вели шефот на стручниот штаб, Ратко Достаниќ.
Мечот меѓу Работнички и Шкупи е закажан за в сабота, со почеток во 13.30 часот, а ќе го суди Димитар Мечкаровски од Скопје.