Стојкоски донесе триумф (0-1) против Академија Пандев
Работнички на најдобар можен начин го стартуваше пролетниот дел од сезоната во Првата лига. Тимот на Александар Влахо оствари значаен триумф (0-1) на гости против Академија Пандев. По ова, Работнички со 27 бода се искачи на петтата позиција на табелата.
Снежните услови и замрзнатиот терен не дозволуваа премногу да се развие игра на дуелот со Академија Пандев. Но, избраниците на Александар Влахо покажаа максимална борбеност, желба за триумф и одлучност во секој дуел.
Во 22.минута, Силјановски продре по десната страна, нафрли, а Прелчец за малку задоцни да влезе во завршница на акцијата. Одбраната беше цврста, организирана и не дозволи Академија Пандев да го загрози Ристе Јанков.
Во второто полувреме, со удар од далечина се закани Кристијан Стојкоски, а на спротивната страна Диме Димов по корнерот од десната страна испрати непрецизен шут со глава.
Решавачкиот момент се случи во 79.минута од натпреварот. Домашниот голман Марко Јовановски слабо дегажираше, топката дојде до Кристијан Стојкоски кој веднаш ја испрати кон небранетата мрежа. Работнички стигна до водство кое успеа да го задржи до самиот крај на дуелот.
Во следното коло, Работнички на домашен терен го пречекува Силекс.
АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – РАБОТНИЧКИ 0-1 (0-0)
Комплекс на Академија Пандев. Судија: Игор Иванов (Велес). Делегат: Мијалче Маџунаров (Штип). Стрелец: Кристијан Стојкоски 79’ (Работнички). Ж. картони: Максимов, Стојков (Работнички).
АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ: Јовановски, Илиев (82’ С. Пандев), Димов, Манев, Мартинага, Стојчевски (88’ Николов), Велиновски (77’ Миловановиќ), Томовски (82’ Ферати), Шаркоски, Радески, Крстовски.
РАБОТНИЧКИ: Јанков, Силјановски, Ристески, Ѓорѓевиќ, Грозданоски, Стојков, Јевтоски (90’ Зука), Максимов, Л. Станковски (90’ Тодоровски), Стојкоски (85’ Лазаров), Прелчец (80’ Ѓурѓевиќ).