Стојкоски: Подготвени сме за надигрување со Шкендија
Работнички нема многу време за анализи на претходниот дуел со Силекс (1-1) затоа што првенството продолжува со забрзано темпо. Утре на Националната арена „Тодор Проески“ гостува лидерот Шкендија.
Кристијан Стојкоски, офанзивниот фудбалер на Работнички, вели дека тој и соиграчите се подготвени за надигрување со првопласираната екипа во шампионатот.
„Шкендија заслужува респект, се работи за првопласираниот тим во лигата, но тоа од друга страна за нас е и уште поголем мотив да одиграме најдобро што знаеме. Анализиравме дел од грешките кои ни се појавија на претходниот меч против Силекс и ќе се потрудиме да не ги повториме на утрешниот натпревар. Подготвени сме за надигрување со Шкендија“, порачува Кристијан Стојкоски.
Работнички ќе ја пречека Шкендија утре, со почеток во 14 часот, на Националната арена. Главен судија на натпреварот ќе биде Александар Ставрев, а ќе му помагаат Гоце Петрески и Бранко Путилин. Четврти судија е Дејан Младеновски (Скопје). Делегат на натпреварот ќе биде Гоце Шопоски (Струга), а за контролор на судењето е одреден Делчо Јакимовски (Скопје).