Ѓурѓевиќ донесе триумф (2-1) против Борец
Работнички оствари значајна победа од 2-1 над Борец во 25.коло од Првата фудбалска лига. Фахрудин Ѓурѓевиќ беше двоен стрелец за нашиот тим и успеа да извлече триумф во завршницата иако Борец поведе во 82.минута со голот на Адили. Но, Ѓурѓевиќ возврати во следниот напад и израмни, а во 90.минута го донесе и триумфот за Работнички.
Интересен натпревар одиграа Работнички и Борец на Националната арена „Тодор Проески“. Борец прв се закани, шанса имаше Ѓорѓиев, но шутираше над голот, а потоа и Лука Станковски влезе во убава можност, но гостинскиот голман беше присебен.
Цврстата игра на двете екипи придонесе да нема голови до финишот, но потоа натпреварот се отвори.
Тодоровски со удар со глава најави голови во 80.минута, но Ефремов успеа да одбрани.
Борец поведе во 82.минута со голот на Мурат Адили. Голманот Ристе Јанков ја испушти топката при еден центаршут, во продолжение од акцијата Борец ја погоди гредата, а одбиената топка Мурат Адили ја испрати во мрежата.
Но, водството на Борец траеше само една минута. Фахрудин Ѓурѓевиќ беше проигран во шеснаесетникот, тој се сврте и откосо од десната страна шутираше во спротивниот агол. Ја затресе мрежата и донесе израмнување во 83.минута.
Работнички тргна по победа. Во 90.минута, беше досуден прекршок за нашиот тим во позиција на скратен корнер, Силјановски нафрли, топката дојде на вториот дирек каде се најде Ѓурѓевиќ и успеа да ја испрати на вистинското место.
По овој триумф, Работнички се наоѓа на петтата позиција со 36 бода, еден помалку од Струга Трим Лум кој е на четвртата позиција.
РАБОТНИЧКИ – БОРЕЦ 2-1 (0-0)
Национална арена „Тодор Проески“ во Скопје. Судија: Александар Грујоски (Кичево). Стрелци: Ѓурѓевиќ 83’, 90+1’ (Работнички), Адили 82’ (Борец). Ж. картони: Л. Станковски, Петковски, Јевтоски, Ристовски, Ѓурѓевиќ, Јанков (Работнички), Османоски, Силва (Борец).
РАБОТНИЧКИ: Јанков, Ристески (46’ Јевтоски), Кировски, Ѓорѓевиќ, Максимов (64’ Петковски), Силјановски, Ристовски, Лазаров (46’ Тодоровски), Л. Станковски (64’ Стојков), М. Станковски (77’ Ѓурѓевиќ), Прелчец.
БОРЕЦ: Ефремов, Ристовски (90’ Силва), Ефтимов, Коцев, Мишевски, Омерагиќ (16’ Адили), Стоименовски, Трајков (90’ Мишов), Османоски, Ѓорѓиев, Баша.