Влахо: Голот од прекин беше клучен момент за поразот
Работнички загуби од Шкупи со 2-0 во 29.коло од Првата фудбалска лига. По овој пораз, нашиот тим се наоѓа на петтата позиција на табелата, а веќе в среда следи нов предизвик, дуелот со новиот шампион Шкендија.
Шефот на стручниот штаб Александар Влахо не е задоволен од прикажаната игра против Шкупи, освен во одредени сегменти од второто полувреме. Во периодот на најдобра игра на Работнички, тимот прими гол од прекин на игра, што и го реши натпреварот.
„Не сум задоволен од прикажаната игра, посебно од првото полувреме. На полувремето направивме некои тактички промени, во вториот дел бевме подобри, имавме и неколку шанси, поништениот гол на Марио Станковски, и можеби во периодот на наша најдобра игра примивме гол од прекин. Знаевме дека Шкупи го има најдобриот изведувач на слободни удари во лигата, ја вежбавме на тренинзите одбраната, но, сепак, потфрливме во скокот. Честитки за победата на тренерот Гоце Седлоски и фудбалерите на Шкупи. Ние испробавме и одредени позиции за некои фудбалери, да видиме дали можат да одговорат на такви барања и продолжуваме до крај да играме офанзивно и на победа до крајот на првенството. Ни следува брзо дуелот против Шкендија“, вели шефот на стручниот штаб Александар Влахо.
Работнички в среда ќе ја пречека Шкендија на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.