Влахо: Првиот чекор е секогаш тежок, респект за тимот на Борец
Подготовките завршија, сега тренерот Александар Влахо и фудбалерите треба да покажат како се подготвиле. Почнува новата сезона 2021/22 во Првата фудбалска лига, а Работнички утре (17.30 часот) на арената „Тодор Проески“ го пречекува Борец во дуелот од првото коло. Со значително реновиран тим, „романтичарите“ ќе се обидат да ги остварат клупските цели, а тие секогаш се високи, со надеж за излез на европска сцена.
За старт, на гости доаѓа Борец, а шефот на стручниот штаб Александар Влахо, со верба во работата и квалитетите на тимот, но и должна почит и респект за противникот, го најавува првото пролетно коло. И вели, дека првиот чекор е секогаш тежок.
„Првиот натпревар е секогаш тежок, како вовед во сезоната. Тимот е подготвен, се надевам дека ќе прикажеме допадлив фудбал и ќе се обидеме да стигнеме до успех на стартот. Но, тоа секако нема да биде лесно. Борец е квалитетен тим, предводен од Борче Христов кого многу го ценам како стратег, секогаш умее да го извлече максимумот од составот со кој располага. Што се однесува до Работнички, и ние значително го менувавме, доведовме неколку нови фудбалери во летниот преоден рок и очекувам дека добро ќе се вклопат во тимот. Можеби ќе биде потребно уште малку време за да се воиграме, но почнува борбата за бодови и ние сме максимално фокусирани да ја оствариме нашата цел“, вели шефот на стручниот штаб, Александар Влахо.
Натпреварот меѓу Работнички и Борец е закажан за утре, со почеток во 17.30 часот, на арената „Тодор Проески“, а ќе го суди Јован Качевски од Струга. Негови асистенти се Слаѓан Маркоски (Гостивар) и Давор Цветаноски (Кичево), а четврти судија е Јосип Бартон (Скопје). Делегат на натпреварот е Берат Исмаили (Гостивар), а контролор на судењето ќе биде Зоран Николовски (Скопје).