Два пенали за Академија Пандев, пораз на Работнички во Струмица
Работнички доживеа пораз (2-0) на гостувањето во Струмица против Академија Пандев. Решавачки фактор на мечот беа двата пенали што судијата Владимир Ѓорѓиевски ги досуди во финишот од натпреварот. Стрелец од белата точка и во 73. и во 86.минута беше Мартин Мирчевски.
Работнички беше поквалитетен ривал во првиот дел, Димитар Тодоровски ја погоди гредата со волеј – удар во шестата минута, а потоа и Дејан Тантуровски се закани кон голот на Марко Јовановски.
Во вториот дел, Мартин Мирчевски имаше одлична шанса, но Ристе Јанков реагираше одлично и го спаси својот гол. Но, потоа се случија пеналите. Во 73.минута, по еден дуел со Александар Позњак, беше досуден сомнителен пенал, а го реализираше Мартин Мирчевски.
Работнички имаше убава шанса за израмнување, но шутот на Тантуровски заврши во блок, а во 86.минута, по дуелот меѓу Максимов и Мартинага, судијата Владимир Ѓорѓиевски повторно покажа на белата точка. Мартин Мирчевски уште еднаш беше ефикасен и го постави конечниот резултат, 2-0.
Во следното коло кое се игра в среда, Работнички на домашен терен го пречекува тимот на Струга Трим Лум.