Поповски: Крсте Велкоски има ДНК на Работнички
Работнички го врати искусниот напаѓач Крсте Велкоски и ја освежи меморијата на шампионските денови во Дебар Маало. Тој ќе донесе непроценливо искуство за младиот тим на Работнички, но и квалитет во навалната линија во пресрет на новата сезона.
Извршниот директор на клубот, Иван Поповски, вели дека Работнички веднаш реагираше откако увиде дека Велкоски е слободен агент, по заминувањето од Сараево.
„Крсте Велкоски во својата ДНК го има Работнички. Не размислувавме ниту момент дали треба да го вратиме во клубот. Неговото враќање е од непроценливо значење. Тој ќе донесе голем квалитет во тимот на Љупчо Марковски, но исто така ќе биде и лидер и ќе им го покаже патот кон европските височини на ладите фудбалери. Работнички и понатаму не отстапува од својата стратегија за форсирање на млади и талентирани фудбалери, а токму Крсте Велкоски треба да ги предводи со своето искуство“, вели Иван Поповски.
Работнички денеска (17.30 часот) игра пријателски натпревар против Тиквеш во Кавадарци.