Работнички го освои Штип
Работнички оствари важен триумф (1-3) на гости против Брегалница во деветтото коло од Првата фудбалска лига. Тимот реагираше извонредно по промената на тренерската позиција. Момците му подарија дебитантска победа на новиот шеф на стручниот штаб Милан Илиевски кој работи во тандем со Баже Илијоски. Тие успеаја да пронајдат победничка формула на денешниот дуел во Штип.
Натпреварот почна со отворена игра од двете страни, а во 25.минута беше досуден пенал за Работнички по игра со рака на еден домашен фудбалер во шеснаесетникот. Сигурен реализатор беше капитенот Крсте Велкоски.
До крајот на првиот дел, Рушевиќ се закани, а Работнички го одржа водството.
Во вториот дсел Брегалница тргна уште поофанзивно, имаше простор за противнапади, а во 60.минута беше досуден пенал за Брегалница. За среќа, Марјан Алтипармаковски не беше успешен од белата точка и ја испрати топката над голот.
Брегалница сепак израмни во 63.минута со голот на Милан Ѓокиќ. Тој се снајде најдобро во мешаницата пред голот на Алексовски.
Но, Работнички не се откажа од намерата за триумф. Во 76.минута, прекрасна акција изведоа Бошковски, кој нафрли, и Анес Рушевиќ, кој на фантастичен начин реализираше со удар со глава.
Во завршницата, Крсте Велкоски со удар од работ на шеснаесетникот постигна трет погодок за Работнички и го реши мечот.
Во следното првенствено коло, Работнички му гостува на ФК Скопје.