Илиевски: Работнички изгради тим за многу поголеми дострели
Работнички ја заокружи сезоната 2022/23 на осмата позиција на табелата во Првата лига, но во вториот дел од шампионатот прикажа квалитетни игри, а тренерот Милан Илиевски им даде шанса за блесок и на дел од помладите фудбалери.
Нивниот талент, како што вели, е големо богатство на Работнички и допрва треба да се развие во квалитет кој би можел да го врати клубот на позициите каде што припаѓа, при самиот врв на македонскиот фудбал и настапите на европска сцена.
„Работнички има огромен потенцијал во својот тим и на поголем дел од натпреварите младите фудбалери тоа успеаја да го докажат. Имаше одлични игри, имаше и неколку победи во низа, но и некои наивни грешки, посебно против поискусните тимови кои се бореа за врвот на табелата. Можеби можевме и требаше да освоиме неколку бода повеќе, но искуството што го стекнаа младите фудбалери е од непроценливо значење и е голем влог за иднината. Младинскиот тим покажа дека е супериорен и го освои Купот, а поголем дел од тие фудбалери веќе добија шанса да играат и во сениорска конкуренција, во Првата лига.
Работнички отсекогаш бил расадник на големи таленти и таа стратегија продолживме да ја надградуваме и изминатата сезона. Сега тие млади фудбалери, Матеј Ангелов, Стефан Деспотовски, Никола Манојлов, Фета Фетаи, Никола Величковски, Мухамед Елмас, Теодор Николовски…и уште неколкумина од младинскиот погон, се подготвени и за многу поголеми дострели во наредниот период. Се разбира, останатите иако млади, се веќе и многу поискусни, како Димитар Тодоровски, Дин Аломеровиќ, Мартин Мисердовски… Верувам дека со напорна работа, Работнички брзо ќе се наметне како еден од тимовите за врвот“, ја анализира изминатата сезона, но дава и одредени насоки за следната, шефот на стручниот штаб, Милан Илиевски.