Томче Гроздановски е најновото засилување – Чест е да се биде играч на Работнички
Работнички обезбеди уште едно квалитетно засилување во пресрет на новата сезона. Нов фудбалер на нашиот клуб е репрезентативецот Томче Гроздановски. Тој потпиша двегодишен договор и ќе го засили средниот ред во тимот на Милан Илиевски.
„Работнички е еден од најдобрите македонски фудбалски клубови, со шампионско педигре и богата традиција. Навистина ми е чест што ќе го носам дресот на овој клуб. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата и верувам дека со соиграчите и стручниот штаб ќе ги исполниме целите на клубот“, изјави Томче Гроздановски.
Тој доаѓа од словачкиот клуб Злате Моравче, а има искуство и од Хрватска како член на Дугопоље.
Томче Гроздановски е македонски репрезентативец. Тој дебитираше за А-селекцијата на Македонија на мечот против Гибралтар (4-0), а претходно беше член и на младата национална селекција до 21 година.