Работнички допатува на подготовки во Словенија
Експедицијата на Работнички пристигна во Словенија каде ќе го реализира централниот дел од подготовките за новата сезона во Првата лига. Тимот на Милан Илиевски во Терме Чатеж ќе има одлични услови да се подготвува во следните 12 дена, а ќе одигра и четири пријателски натпревари.
Првиот тест во Словенија ќе биде на 19 јули против Аждод (Израел), а три дена подоцна Работнички ќе одигра пријателски натпревар против словенечкиот второлигаш Бриње.
Двата најсилни теста се на крајот од подготовките. На 25 јули Работнички ќе ги испроба силите против турскиот гигант Трабзонспор, а „генералката“ ќе следи на 27 јули, кога противник ќе биде саудискиот Ал Етифак, кој го предводи Стивен Џерард, а во тимот настапува поранешниот наш играч и македонски репрезентативец, Дарко Велковски.