Ангелов: Сакаме позитивен рестарт во Струмица
Работнички има два порази во низа, а посебен удар за тимот беше начинот на кој го загуби последниот дуел против Шкендија. До 90.минута, избраниците на Милан Илиевски имаа водство, а потоа примија два гола во судиското продолжение.
Матеј Ангелов е млад, но веќе доволно искусен за да биде еден од носителите на играта. Верува дека тимот може да се врати на вистински колосек на утрешниот натпревар против Брера.
„Посакуваме позитивен рестарт во Струмица. Одигравме навистина добар натпревар против Шкендија, а кога бевме на прагот на победа, имавме голем пад во тие неколку минути од судиското продолжение и на крајот бевме поразени. Од тоа секако треба да извлечеме поука. Ги анализиравме сите моменти, но тоа го оставаме зад нас и сега сме максимално фокусирани на утрешниот меч против Брера. Тие имаат одличен почеток на првенството, имаат квалитетен тим, но и ние веруваме дека конечно ќе одговориме резултатски и дека ќе оствариме успех. Знаеме дека нѐ очекува тежок натпревар, но подготвени сме за предизвикот“, изјави Матеј Ангелов.
Натпреварот меѓу Брера и Работнички од шестото коло во Првата фудбалска лига се игра утре, со почеток во 16 часот, а главен судија ќе биде Ндерим Тефику од Куманово.