Ангелов: Работнички посакува позитивен резултат во Штип
Работнички во десеттото коло гостува во Штип и ќе ги одмери силите со Брегалница. Мечот е закажан за утре, со почеток во 14 часот, а Матеј Ангелов, младинскиот репрезентативец на Работнички, ќе се врати во својот роден град. Сепак, јасно е, посакува неговиот тим да оствари позитивен резултат на овој дуел.
„Нѐ очекува тежок натпревар. Брегалница секогаш ја има поддршката од навивачите во Штип и тоа ја отежнува работата за гостите. Но, ние сме максимално подготвени за надигрување и веруваме дека можеме да оствариме позитивен резултат. Нема да нѐ залаже ниту фактот дека Брегалница е во мини – криза кога се резултатите во прашање, мораме да бидеме фокусирани во текот на целиот меч, затоа што само така можеме да ја оствариме нашата цел. Посакувам фер и коректен натпревар, нека има добар фудбал и нека слави тој што ќе покаже повеќе на теренот“, вели Матеј Ангелов.
Главен судија на утрешниот натпревар е Ндерим Тефику од Куманово.