Пораз (0-1) на дуелот против Вардар
Работнички го доживеа шестиот пораз оваа сезона откако на стадионот „Борис Трајковски“ загуби од Вардар со 0-1. Стрелец на голот беше Дарко Мицевски од пенал во 77.минута. Судијата Игор Стојчевски покажа на белата точка по игра со рака во шеснаесетникот, а Мицевски успешно го реализираше пеналот.
Беше тоа натпревар со многу борва на средината на теренот и со малку стопроцентни шанси. Работнички имаше шанса прв да дојде до предност во 60.минута, кога Влатко Стојановски излезе сам пред Гачевски, но голманот на Вардар успеа да го одбрани неговиот удар.
Во првото полувреме, Работнички се закани преку Гандо Биала и Мазари, но без посериозен ефект. На другата страна, Вардар се обиде преку Дурански, но неговиот шут не беше прецизен.
Во 76.минута, Вардар изведе корнер од левата страна, Мишковски со глава сакаше да ја префрли топката на вториот дирек, таа удри во раката на Мевљан Мурати и беше досуден пенал. Тоа беше моментот и што го одлучи натпреварот, откако Дарко Мицевски го реализира пеналот.